+389 2 3113 059

РЕФЛЕКТИВНАТА НОСТАЛГИЈА И НЕЈЗИНАТА СЕКОЈДНЕВНА ЕСТЕТИКA

РЕФЛЕКТИВНАТА НОСТАЛГИЈА И НЕЈЗИНАТА СЕКОЈДНЕВНА ЕСТЕТИКA

Уметници и теоретичари од Грција, Албанија, Косово, Србија и од Македонија од петок до недела (9-11 Октомври) ќе се сретнат во Солун на изложба и конференција во организација на Универзитетот во Солун – Оддел за балкански, славистички и ориентални студии , на соочување и размена на регионална теорија, активизам и уметнички практики.

По првиот настан Автономија/Ослободување одржан во април во Скопје во Младинскиот културен центар и Нација/ Еманација одржан во јуни во Белград во Музејот на историја на Југославија , Рефлективната носталгија и нејзината секојдневна естетика е третиот настан од проектот за регионална соработка NATIONLESS, заеднички труд на Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје, ДАМ-ДАШ/Шкарт – Белград и Универзитетот во Солун – Оддел за балкански, славистички и ориентални студии, кој свое заокружување ќе има во декември во Скопје.

Македонски учесници во изложбата која ќе биде отворена во Музејот на современа уметност во Солун се- Нада Прља, Ѓорѓе Јовановиќ, Филип Јовановски и Владимир Јанчевски. На конференцијата која ќе се одржи во Музејот на фотографија, свое обраќање ќе имаат Елена Вељановска и Артан Садику.

Покрај изложбата и конференцијата во соработка со Солунскот филмски фестивал ќе бидат прикажана и селекција од филмови кои се занимаваат и го проблеаматизираат национализмот на Балканот.

Проектот NATIONLESS цели да отвори простор за уметничка интервенција, промислување и пре-промислување на проблемот на национализмот и неговата општествена репродуктивна моќ во рамките на специфичен фокус на прекинатата комуникација и скоро целосното отсуство на соработка меѓу регионалните уметници и интелектуалци. Целта, сепак, не е да се надмине овој проблем на недостаток на соработка туку, попрво, преку уметнички интервенции да се предизвикаат конкурентните национализми вo различните земји преку уметничко-политички и теоретски истражувања на идејата за „нацијата”. Политичкиот статус на „националноста” е главниот столб на сите останати политички и социјални категории и процеси во овие три земји. Тој го детерминира културниот капитал на националноста и националното потекло што понатаму врши влијание врз економските процеси и можностите за општествена мобилизација и солидарност. Затоа, целта на овој проект е проблематизирањето на национал(ните)истичките идентитетски политики што се „инклузивни” за едните, а секогаш „ексклузивни” за другите и ја парализираат сета политика што ја разобличува светоста на етничкиот принцип на општествена мобилизација. Проектот претставува противтежа на постојните политички тенденции преку ангажирање на активисти за рушење на социјалните последици од популарниот национализам.

Проектот претставува иновативен и интердисциплинарен приод кон развивање на алатки преку произведувачки процес и претставува придонес кон генералната современа практика во уметноста и теоријата во балканскиот регион. Овие алатки се отворени за понатамошна апликација, модификација и адаптација, а со тоа ќе овозможат пројавување на новата трансформативна практика врз основа на овој проект.

Повеќе околу проектот NATIONLESS на следниот линк: NATIONLESS

Leave a Reply