Промоција на книга во ИОХН-С
Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје со особено задоволство Ве поканува на промоција на книгата „Сопствена соба, сопствено гето: Женско писмо во современата македонска проза“ дело на авторката Елизабета Баковска. Промоцијата ќе се одржи во просториите на ИОХН-Скопје на 30 март (среда) со почеток во 19 часот.
„Сопствена соба, сопствено гето: Женско писмо во современата македонска проза“
Книгата разгледува прозни дела (раскази и романи) напишани од жени на македонски јазик во периодот од 1980 до 2010 година. Конкретниот интерес на овој труд е преку проследување на одредени дела напишани од жени, т.е. преку еден гинокритички пристап, да ги согледа и да ги посочи спецификите на женското прозно писмо напишано и објавено во овој период. При ова разгледување, тој се стреми да ги анализира делата преку лупата (низ призмата) на феминистичката критика, користејќи ги теориските гледишта и ставови на некои од позначајните теоретичарки, особено оние на француската и на англоамериканската феминистичка критика.
Во книгата се анализараат делата на Оливера Николова, Гордана Михаилова Бошнакоска, Јадранка Владова, Кица Колбе, Оливера Ќорвезироска, Лидија Димковска,Румена Бужаровска, Ирена Цветковиќ, Ирена Јорданова, Галијана Маркова.
Елизабета Баковска е родена во 1969 година,во Битола. Дипломирала и магистрирала на Филолошкиот факултет во Скопје, а докторирала на институтот Евро-Балкан. Уредничка е на електронското списание за литература и култура Блесок. Пишува литературни и критички текстови и се занимава со книжевен превод од англиски, српски/хрватски/босански јазик. Книгата „Сопстевена соба, сопствено гето“ е нејзиниот докторски труд, одбранет во 2013 година.
Објавени дела:
Житие на нашата љубов (поезија, 2003)
Четири годишни времиња (раскази, 2004)
Состојба на духот и телото по триесеттата (поезија,2005)
На пат кон Дамаск (роман, 2006)
Варварите сѐ уште пишуваат поезија (поезија, 2015)