+389 2 3113 059

Проектот Скопје 2014 и неговите ефекти врз перцепцијата на граѓаните на Скопје за македонскиот идентитет

Проектот Скопје 2014 и неговите ефекти врз перцепцијата на граѓаните на Скопје за македонскиот идентитет

Куса анализа на политики со наслов „Проектот Скопје 2014 и неговите ефекти врз перцепцијата на граѓаните на Скопје за македонскиот идентитет” беше објавена на 30 јуни 2013. Беше спроведена од истражувачкиот тим на ИОХН-Скопје и со поддршка на Фондацијата Фридирх Еберт. Објавена е на три јазика: македонски, албански и англиски (вклучувајќи ги и визуелните материјали како и придружните документи содржани од прашалникот/водичот за фокус групи). Институтот продолжува и го проширува истражувањето на тема „Скопје 2014“, кое ќе ги вклучи и аспектите на меѓународната политика, економските пршања и ЕУ интеграциите, а ќе заврши со меѓународна конференција планирана за Јануари 2014. Истражувањето за кусата анализа беше спроведено и благодарение на институционалната поддршка обезбедена од Think Tank Fund – OSI Budapest (TTF-Budapest) и CIRA-SDC (Civica Mobilitas). Проширената верзија на студијата ќе се изведе во рамки на годишната програма поддржана од TTF-OSI Budapest.

Резиме

Поаѓајќи од претпоставката дека преку создавање симболизам со различни историски референци и естетика а во облик материјална култура (споменици и архитектура), културниот проект „Скопје 2014“ има намера да ја афирмира, зајакне и осигура историската вистина за македонскиот идентитет како единствена вистина, истражувањето имаше за цел да обезбеди увид во успехот на Проектот во однос на сопствените амбиции. Неговиот успех може да се измери преку индикаторите кои ја рефлектираат перцепцијата на скопјаните што се идентификуваат како „етнички Македонци“ во однос на намерите на Проектот да ја отслика вистината за етничкиот идентитет, да учествува во „зачувувањето на културното наследство“ и да ја промовира историската вистина за македонскиот национален и етнички идентитет. Истражувачкиот тим поаѓа од претпоставката дека секој идентитет е форма на наратив, начин на перцепција и не е „суштина сама по себе“. Затоа, целта на студијата е да го спореди наративот на Државата со наративот на граѓаните на Скопје за македонскиот идентитет и да открие дали едниот соодветствува со другиот. Со централната поставеност на спомениците на Александар Велики и неговиот татко Филип Втори, очигледно е дека Проектот има намера да пренесе вистина за непрекинат историски континуитет на македонската себност. Тоа го прави од Антиката преку словенскиот средновековен период, македонската национална борба против Отоманската империја на почетокот на 20 век сѐ до периодот на создавање независна држава. Земајќи ги предвид референците од Антиката и претпоставката за непрекинат историски континуитет и нивната неистраженост од страна на академската сцена во земјата- со чест на некои исклучоци – во истражувањето беше вклучена академската сцена преку анонимни интервјуа и затворени панел дискусии со научни соработници и креатори на јавното мислење. Тие ги дискутираа резултатите од фокус групите со обичните граѓани, кои ја доловуваа перцепцијата за идентитетскиот наратив кој Проектот претендира да го претстави како национална историска вистина и како жителите на Скопје го доживуваат тоа.

Истражувањето покажува недвосмислена разлика меѓу перцепцијата на обичниот народ за „вистинскиот македонски идентитет“ и онаа која ја промовира Државата. Исто така, го открива фактот дека научниците, кога се прашани анонимно, ја застапуваат тезата за конструираноста на национален идентитет, покажуваат фундаментално неверување во историскиот примордијализам и не наоѓаат начин да го оправдаат Проектот кога се соочени со наодите за перцепцијата на граѓаните во однос на идентитетската вистина. Сите научни експерти како и обичните граѓани кои учествуваа во истражувањето побараа и им беше гарантирана апсолутна анонимност. Стравот јавно да расправаат на оваа тема беше отворено искажан од речиси сите испитаници.

Наодите од истражувањето ќе им ги претставиме на институциите кои најмногу се вложија во промоцијата и реализацијата на Проектот како Министерството за култура, Министерството за надворешни работи (откако влијае на ЕУ интеграциските процеси и односи со соседните земји), но исто така и на научната сцена во земјата која тивко ги оправдува историските и идентитетските намери на Проектот и, конечно, на оние претставници на меѓународната заедница кои се занимаваат во „сензитивните“ аспекти на идентитетскиот прашање во контекст на проблемот со името со Грција.

Почетокот на Проектот „Скопје 2014“ се надоврза на серијата разочарувања од НАТО и Европската унија кои упатуваа на неодредено одложување на влезот во двете организации како резултат на проблемот со името помеѓу Грција и Македонија, и покрај тоа што земјата е кандидат за членка на ЕУ уште од 2005 година. Националната фрустрација кулминираше со Самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година. По спроведеното квалитативното истражување, на кое се темели оваа студија, наше тврдење е дека, ако „Скопје 2014“ има за цел да го „излечи повреденото его“ на Македонците, Проектот не успева во оваа намера бидејќи увезува туѓа културна парадигма која го продлабочува чувството на надворешно наметната негација во поглед на она што интимно се доживува како вистина за македонскиот идентитет (изразено од страна на граѓаните на Скопје кои учествуваа во ова истражување).

Од почетокот на Проектот „Скопје 2014“ во 2010 година сѐ до април 2013 година, беа подигнати вкупно 35 објекти во доминантен неокласицистички стил и стил близу до барокот (згради, скулптури и споменици). Со одлука и финансиска потпора од Министерството за култура некои од спомениците (вклучувајќи го „Воинот на коњ“ кој го претставува Александар Велики) беа изградени по иницијатива на Општината Центар (со пари обезбедени од Владата), додека Владата беше инвеститор на новите монументални градби како Министерството за надворешни работи, Уставниот суд, барокната фасада на Владата и други. Овие бројки беа претставени на прес- конференција одржана на 22 април 2013 година од страна на министерката за култура, г-ѓа Елизабета Канческа Милевска која воедно информираше дека до тој миг за Проектот се потрошени 207.872.492 евра

Овде може да ја најдете објавената куса студија на политики:

Проектот Скопје 2014 и неговите ефекти врз перцепцијата на граѓаните на Скопје за македонскиот идентитет

Skopje 2014 Project and its Effects on the Perception of Macedonian Identity Among the Citizens of Skopje

Projekti Shkupi 2014 dhe Efektet e tij në Perceptimin e Identitetit Maqedonas mes Qytetarëve të Shkupit

Leave a Reply