Повик за апликанти за Тинк-тенк програмата за развој на млади професионалци, дипломирани магистри и доктори на науки
ПОВИК ЗА АПЛИКАНТИ
за Тинк-тенк програмата за развој на млади професионалци,
дипломирани магистри и доктори на науки
Тинк- тенк програмата за развој на млади професионалци на Тинк- тенк фондацијата – Отворено општество (TTF), нуди можност за кандидати што имаат магистрирано или докторирано на еден од универзитетите на ОЕЦД земјите (http://www.oecd.org/about/membersandpartners/list-oecd-member-countries.htm), и кои сакаат да стекнат искуство во тинк-тенк програмата на Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје. Целта на ова програма е градење на капацитетите на младите професионалци од регионот преку вклучување во релевантни истражувања на политики на Институтот.
Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје е непрофитна научно-истражувачка установа, дел од Регистарот на научни установи на Министерството за образование и наука на Република Македонија (решение бр. 30). Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје (ИОХН – Скопје) спроведува истражувања на теми поврзани со политиките од областа на општеството, политичко-економската стварност, културата и родот.
Критериуми за избор на кандидатите:
– Завршени постдипломски или докторски студии од областа на општествените и / или хуманистички науки на еден од универзитетите на ОЕЦД земјите (вклучително и стипендистите на Програмата за школарини на Отворено Општество и дипломираните на Централноевропскиот Универзитет во Унгарија), во последните три години;
– Да се државјани или со постојан престој во земјите на Централна и Источна Европа, Западен Балкан, Грузија, Молдавија или Украина;
– Да се на возраст помеѓу 23-35 години за време на аплицирањето;
– Одлично да го познаваат англискиот јазик;
– Да се заинтересирани за учество во истражувања од областа на родот, културата и студии на политиките.
Ангажманот на избраните кандидати ќе трае шест месеци, почнувајќи од ноември 2015. Избраните кандидати ќе бидат дел од Институтот и ќе бидат платени за позицијата како стажанти (помлади истражувачи), со цело работно време. Стажантите во својата работа ќе бидат водени од ментори од Институтот. Крајната цел на ангажманот на стажантите е вклучување во тековните полиси проекти и развивање на конкретни полиси продукти.
Сите заинтересирани кандидати треба да испратат кратка биографија (CV), копија од диплома или уверение за завршени постдипломски студии или докторски студии на некој од универзитетите од земјите на ОЕЦД, како и мотивациско писмо на адресата на Институтот: [email protected], најдоцна до 15ти август 2015.