Етничка и родова вклученост во ЛГБТИ движењето во Република Македонија
Проектот „Етничка и родова вклученост во ЛГБТИ движењето во Република Македонија“ претставува студија на политики,поврзана со активности за подигнување на свеста, спроведена со поддршка од Амбасадата на Кралството Холандија во Република Македонија. Проектот беше реализиран во соработка со Хелсиншкиот комитет за човекови права на Македонија во периодот од септември 2012 година до септември 2013 година.
Потребата од ваква студија произлегува од моменталната состојба и позиција на ЛГБТИ лицата, како една од најранливите групи во македонското општество, бидејќи за неа прaктично не постои никаква законска заштита од дискриминација, а за чија инклузија во главните општествени текови не постојат никакви институционални политики. Отсуствува јавен дискурс кој ќе биде сензитивен за човековите права на оваа заедница. Од друга страна, пак, во рамките на самото движење, до неодамна, во потполност отсуствуваше видливост на лезбејките, трансродовите лица и етничките малцинства.
Главната цел беше да се направи долгорочен проект кој ќе влијае врз зајакнувањето на капацитетите на ЛГБТИ движењето во Македонија во услови кога владее изразена хомофобија, говор на омраза и сѐ побројни физички напади врз ЛГБТИ лицата. Еден од главните мотиви на истражувањето беше и поголемо активирање на „невидливите“ групи во самата ЛГБТИ заедница, а тоа се лезбејките, трансродовите лица, како и геј лицата од етничките малцинства.
Истражувачкиот дел се состои од комбинација на квалитативни и квантитативни методи. Институтот преку своите затворени форми на дебати (фокус групи, дискусиони групи) придонесе во вмрежувањето на формални и неформални организации кои се занимаваат со етнички инклузивен ЛГБТИ активизам и со феминистичко-лезбејскиот дел од активизмот. Од стартот на овој проект, до средината на неговата реализација беше формирана неформалната ЛезФем група, поврзана со работата на ЛГБТИ Центарот раководен од Хелсиншкиот комитет за човекови права на Македонија. Mултиетничката невладина ЛГБТ Јунајтед се вклучи видливо во активизмот во Македонија од есента 2012 (а беше регистрирана во мај 2012). ЛГБТ Јунајтед активно придонесе за реализација на оваа студија.
Идејата на проектот беше преку дебатите на „grass-root“ ниво да се отпочне расправа од самите активисти за потребите во рамки на движењето како и за оние во поширокиот општествен контекст. Една од главните цели е да се создаде специфичен пристап при јакнењето на ЛГБТИ заедницата. Тоа ќе овозможи нејзино мобилизирање во едно поинформирано и посензитивно движење,поставувајќи ги приоритетите и формите на активизам кој би одговарал на социјалните и културните специфики на Македонија.
На линкот подолу можете да ја најдете објавената анализа:
Етничка и родова вклученост во ЛГБТИ движењето во Република Македонија
Lëvizje “Grass-Root” LGTBI Inkluzive në Baza Etnike dhe Gjinore në Maqedoni
Ethnically and Gender Inclusive Grass-Root LGBTI Movements in Macedonia