+389 2 3113 059

НАДВОРЕШНА РЕЦЕНЦИЈА НА СТУДИИТЕ ИЗРАБОТЕНИ ОД ИНСТИТУТОТ ЗА ОПШТЕСТВЕНИ И ХУМАНИСТИЧКИ НАУКИ - СКОПЈЕ НА ТЕМА „ЗАРОБЕНА ДРЖАВА“

НАДВОРЕШНА РЕЦЕНЦИЈА НА СТУДИИТЕ ИЗРАБОТЕНИ ОД ИНСТИТУТОТ ЗА ОПШТЕСТВЕНИ И ХУМАНИСТИЧКИ НАУКИ – СКОПЈЕ НА ТЕМА „ЗАРОБЕНА ДРЖАВА“

Надворешна реценција на студиите изработени од Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје

на тема „заробена држава,“ применета на примерот на

последните истражувања од областа на медиумиските и уреднички слободи [1]

Љубомир Д. Фрчкоски,

редовен професор по меѓународно право и правата на човекот

 

Испитувањето во проектите на тема „заробена држава“ (од областа на медиумите но и академските слободи) и анализата во него е направена мошне доследно и детално. Оваа рецензија ја зема во обзир студијата „Технологија на заробувањето на државата“ издадена од Институтот во 2015 година. Сепак, за пример на примена на оваа метода, ќе ги земеме последните студии од областа на медиумските и уреднички политики преточени во законодавство. Испитувањата на Институтот ги ставаат во фокус основните нормативни акти кои ја одредуваат регулацијата на медиумската сфера и праксата на релација извршна власт-медиуми, кои ја одредуваат имплементацијата на нормативата, а и општата атмосфера на слобода или ограниченост која се оценува.

Во анализата мошне добро се забележани паралелните тенденции во сферата на регулацијата на медиумите. Од една страна е обидот да се постават во стандардна ЕУ регулација актерите и односите во областа од интерес, во овој случај медиумите, која се прикажува како ‚‚стандардизација“ на површината. Од друга страна, преку процес на „нормативна пререгулација“ и доделени улоги на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и Владата – се воспоставува практичен, паралелен систем на вмешување, контрола и блокада на самостојноста на уредувачката политика и конечно, позицијата на медиумите. Тоа е дополнето со ригорозна казнена политика која се заканува да воведе дисциплина во почитување на ова воспоставено ‚‚подредување“ на медиумите.

Ваквата политика е забележана од меѓународните набљудувачи (дадени во преглед во анализата ) кои го дефинираат тој развој на настаните во медиумите во Македонија како алармантен кој ја уназадува земјата во слободата на говорот и медиумските слободи – со оценка за Македонија како полу-слободна земја (3,5 од 7).

Произведената ситуација на (не)слободата и позицијата на медиумите – директно е израз, од една страна, на недостаток на самодоверба (или нејзино намерно разорување) на актерите кај медиумите и намалување до непостоење – на шансите за саморегулација на сферата кои се стандардни во најголемиот број ЕУ држави.

Она што е позагрижувачки, а што анализата го забележува во само еден пример (конфликт меѓу членовите 67 и 92 од законот за медиуми ) [2] е техника или технологија на т.н. ‚‚авторитарниот процедурализам“ или нивното разбирање на ‚‚правната држава.“ Имено не се работи само за пререгулација на сферата, како обид за вметнување на контрола на извршната власт со сектор кој треба да биде независен во максимална можна мерка туку и мрежа на самоконфликтни одредби од ист или серија на закони кои ја допираат областа. Мрежата на преклопување на законски или подзаконски одредби кои се однесуваат на иста тема со различни содржини и обврски и различни актери и надлежни институции – резултираат во ефикасна техника на контрола на правниот субјект, одрекувајќи му транспарентност, предвидливост и извесност на неговата правна позиција во системот.

Имено се одрекува правната или философско-правната претпоставка на секоја модерна правна држава и, со тоа на владеењето на правото во либералните демократии – позицијата на ‚‚чесен граѓанин.“ Тоа е можност доколку сака, секој да може да оствари право, не кршејќи закон, со постапка предвидлива и предвидена да дојде до целта. Во случај на ‚‚авторитарниот процедурализам,“ намерна пререгулација и преклопување и намерен конфликт на процедури, права и обврски – тоа не е возможно. Субјектот е доведен во маглива мрежа на законски обврски без крај и јасна процедура, толкување на неговата позиција. Во таков случај никој, а најмалку законитоста и судот не му помага туку е упатен на авторитарната администрација во процес на ‚‚доделување милост“ и дневно толкување – што, каде и како да направи. Тоа е основа на одрекување на владеење на правото низ конфузна пререгулација и намерно создавање на мрежа на корупција и подреденост. Во неа, демијуршка позиција на одлучувачки толкувач на законите има партизираната администрација (една кафкијанска состојба пар екселанс).

Во областа на слободата на медиумите, но и во другите примери на авторитарна пререгулација анализирана од Институтот, е создадена токму таква „мрежа на конфузност.“ Анализата ја нарекува пререгулација, но мислам дека тука има ‚‚пререгулација-плус“ политичка операција на извршната власт.

Анализата завршува со листа на разумни и одржливи препораки до сите актери во сферата (иако не се сите еднакво одговорни за настанатата ситуација) и повикува на засилен мониторинг на развојот на настаните во областа.

——

[1]Рецензијата се однесува на студиите на Институтот работени до средината на 2017 година на тема илибералното законодавство или градењето политики и формулирање закони во ера на т.н. „заробена држава.“ (забелешка на Институтот)

[2] Студијата се однесува на верзијата на Законот пред укинувањето на член 92 кон крајот на 2017 година.

 

Надворешна реценција на студиите изработени од Институтот за општествени и хуманистички науки Скопје