Поларизација како средство за популистичко владеење и како да се надмине
Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје има чест да ве покани на промоција на публикацијата „Поларизацијата како средство за популистичко владеење и како да се надмине: Анализа базирана на македонскиот случај на социо-политичките напори за надминување на состојбата на „заробена држава” како главна одлика на управувањето” која ќе се одржи на 17 октомври (четврток) во 12 часот, во просториите на Институтот (ул. „20 Октомври“ бр. 8/2 кат, Скопје. Мапа до локацијата: https://tinyurl.com/y25f7s48).
Публикацијата е резултат на повеќегодишно следење и анализа на состојбата со „заробената држава” во Република Северна Македонија, популистичките изблици на политичките елити, мобилизацијата на популистичкиот дискурс во создавање на политички непријатели, манипулација со емоциите и создавање поделби во јавниот простор (медиумите, социјалните мрежи итн.). Публикацијата претставува аналитички и фактографски обид за справување со феномените на популизмот и дискурзивната креација на политичкиот Друг.
Промотор на публикацијата ќе биде д-р Гордан Георгиев, раководител на проектот, а свои коментари во дискусијата ќе даде Ана Петрушева, директор на Балканската истражувачка репортерска мрежа (БИРН) Македонија.
Оваа публикација исто така претставува завршен документ на проектот чиј главен фокус е во областите на помирување, транзициска правда и деполаризација на јавниот дискурс кој Институтот го реализираше изминатата година во соработка со фондацијата National Endowment for Democracy (NED).