АКАДЕМСКИ ПРОГРАМИ ЗА ПОЛИТИЧКИ СТУДИИ
Студиите на политиките се интердисиплинарна област која спаѓа во подрачјето на општествените и хуманистичките науки.
Неговата интердисциплинарна природа едновремено мобилизира приоди од повеќе полиња од споменатите области: социологијата со нејзините културолошки аспекти, политичката економија, правото, студиите на меѓународни односи, студии на развој, родови студии, философија и општествена психологија. Како и сите интердисциплинарни подрачја, она што ги обединува сите споменати приоди е единствената епистемолошка рамка врз која се втемелува оправданото изучување на повеќеслојноста на проблемот која изискува комбинирање на аналитички приоди од повеќе полиња на истата област. Студиите на политиките се дефинирани како применети општествени науки, со што емпирискиот приод е незаобиколен елемент од методолошка и содржинска гледна точка. Емпирицизмот на кој се темелат овие студии не се сведува на квантитативните анализи и увиди. Напротив, за инвентивни и иновативни решенија од областа на политиките, неопходно е да се толкуваат, меѓу другото, и културолошките предуслови како и механизмите на психолошко повнатрешнување на општествените состојби. Ова значи дека примената на квалитативните истражувачки методи и дискурзивната анализа е пресудна за навистина применливата анализа на едно општество и неговите политики.
Професионални можности:
Пазарот на трудот, исто така, има потреба од специјалисти од оваа област бидејќи во Македонија не постои ниту една специјалистичка студиска програма од оваа област. Вработените во јавната администрација, во цивилниот сектор, невладините организации како и администрацијата во приватниот сектор се постојано вклучени во процесите на креирање нови политики.
Овие процеси најчесто се сведуваат на преземање готови решенија од Западот и правење минимална адаптација базирана на здраворазумски, а не научно втемелени увиди и методолошка доследност. Во пракса, процесите главно се сведуваат на постојано преработување на законите или повици на менување на законите (од страна на цивилното општество), наместо изумување организациони и одлучувачки механизми пропишани со подзаконски акти или други акти интерни на одлучување и пропишување критериуми, вредности и процедури на посебните институции и организации. Интердисциплинарниот пристап е пресуден за разбирање на повеќеслојноста на прашањето на применливи политики, прилагодени на посебниот општествен контекст и прашање.
Стручност од оваа област им е потребна на вработени во администрацијата (како јавна така и приватна), во невладините организации од сите области на дејствување како и на претприемачите.
Научен назив со кој се стекнува студентот по завршување на студиската програма:
По завршувањето на студиите и успешната одбрана на магистерскиот труд студентот се стекнува со научен степен: Магистер (м-р) по студии на политиките.
Соодветниот научен степен го стекнуваат кандидатите кои од првиот и вториот циклус на студии ќе освојат вкупно 300 кредити (ЕКТС).
Услови за запишување:
– За едногодишни студии од втор циклус: Диплома (уверение) за завршени 4 години студии (или стекнати 240 кредити според ЕКТС) од прв циклус од областите на општествените и хуманистичките науки. Високиот успех не е услов иако претставува предност, исто како и богатото CV на кандидатката/кандидатот.
– За двегодишни студии од втор циклус: Диплома (уверение) за завршени најмалку 3 години студии (или стекнати најмалку 180 кредити според ЕКТС) од прв циклус од областите на општествените и хуманистичките науки. Високиот успех не е услов иако претставува предност, исто како и богатото CV на кандидатката/кандидатот.
Контакт лице: Ристо Алексовски, Доц. д-р Викторија Боровска [email protected],
Телефон: +389 2 3113 059; +389 72 30 77 04
Интернет страница: www.isshs.edu.mk
Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје е приватна непрофитна научна установа, дел од Регистарот на научни установи што го води МОН (со Решение бр. 30), акредитирана од страна на Одборот за акредитација и евалуација на високото образование во Република Македонија за организирање магистерски студии од областите на општествените и хуманистичките науки.
Трошоци на студирање:
– За едногодишните студиски програми цената е 550 евра во денарска противвредност, во оваа сума спаѓаат сите трошоци за студирањето како и материјалите за студирање, одбраната на магистерската теза се плаќа одделно.
– За двегодишните студиски програми цената е 800 евра во денарска противвредност, во оваа сума спаѓаат сите трошоци за студирањето како и материјалите за студирање, одбраната на магистерската теза се плаќа одделно.
Освен во образовните активности, кандидатите, доколку се заинтересирани, можат да бидат вклучени и во проекти кои Институтот за општествени и хуманистички науки-Скопје спроведува: истражувања (особено анализи на политиките) на теми што се однесуваат на општеството, културата, политиката и родовите а, исто така, организира и настани како конференции, јавни дебати, симпозиуми и летни школи. Издаваштвото е дел од редовните активности на Институтот.
ЛИСТА НА ПРЕДМЕТИ ЗА СТУДИСКАТА ПРОГРАМА (Едногодишни)
ЛИСТА НА ПРЕДМЕТИ ЗА СТУДИСКАТА ПРОГРАМА (Двегодишни)