+389 2 3113 059

ТРАЕКТОРИИ НА МАЈЧИНСТВОТО: Феминистичка перспектива и демистификација на идеологиите

Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје со гордост Ви ја претставува книгата на нашата професорка на постдипломските студии Викторија Боровска со наслов: ТРАЕКТОРИИ НА МАЈЧИНСТВОТО: Феминистичка перспектива и демистификација на идеологиите.

Книгата е издадена од страна на Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје со финансиска поддршка на Министерството за култура на Република Северна Македонија.

Книгата можете да ја преземете на линкот подолу.

Извадок од книгата:

Мајчинството, како научно-истражувачко прашање, од последните декади на минатиот век до денес, доживува вистинска експанзија на дела и студии, главно од областа на општествените науки. Истражувањата, кои се однесуваат на мајчинските улоги, на институцијата мајчинство, на идеолошките аспекти, митовите за „добра мајка“ и „лоша мајка“, социјалните аспекти на постпородилната депресија и сл. стануваат неизоставни делови од родовите студии, социологијата на семејството и родот, психоаналитичките теории на мајчинството, феминистичките теории и сл. Историски гледано, мајчинството трпи бројни трансформации во поимањето и во практикувањето на истото. Општествениот контекст, општествените закономерности, психосоцијалните динамики неминовно влијаат врз градењето на мајчинската улога и на личното доживување од мајчинството. Во биолошка смисла, репродукцијата е универзален факт на природата, а останатите аспекти на мајчинскиот идентитет поаѓаат, но не остануваат само на биолошката компонента, биолошката репродукција, туку можеби и во поголема мера мајчинството се изразува во својата социјална компонента преку одгледувањето на детето и неговата социјализацијата, како социјална репродукција (Woodward, 1997). Родовите студии и социолошките теории за мајчинството, во голема мера, се занимаваат токму со прашањата на влијанието на општествениот контекст и општествените аспекти на мајчинството како институција, но и како искуство. Првенствено, мајчинството доведува до една нагла промена во идентитетот на жената и компонентите, кои истиот го сочинувале и го сочинуваат. Во однос на општествениот контекст може да се каже дека мајчинството претрпува промени под влијание на  историско културниот контекст, па така, на пример, може да се воочат разлики во мајчинските улоги во општества кои се традиционално и патријархално поставени во однос на современите демократски општества. Од друга страна, пак, општествениот контекст и општествените промени никогаш не дејствуваат само врз еден аспект на социјалниот живот туку влијаат на низа аспекти, практики и сл. Така, на пример, во денешно време одлуката за стапување во бракот се јавува подоцна, а исто така честа е и одлуката да не се стапи во брак, се раѓаат помалку деца од порано, раѓањето на дете надвор од брак и решавањето да се остане без дете по сопствен избор, се валидни опции за жената. Пред еден век малку жени имале можност за независност во живеењето. Денес повеќето жени работат, имаат деца, се активни во јавниот живот, но сѐ уште одгледувањето на децата, мајчинството, останува како базичен, или во одреден период од нивниот живот, доминантен сегмент во животот на жената. Токму социјалните компоненти на мајчинството даваат бројни научноистражувачки аспекти, кои во голема мера ги заинтригираат и ги поттикнуваат научниците од општествените науки да се занимаваат со оваа проблематика.

Парадоксот на современото мајчинство е во неговата, истовремено општествено девалвирана и морално издигната категорија. Општествените теории, мајчинството го интерпретираат како позитивен зрел и нормативен идентитет на жената, додека жената, која не ја реализирала оваа биолошка функција главно се толкува како негативен, себичен идентитет, кој одбива да ја изврши женската улога. Ова истражување се осврнува и на тоа на кој начин се стигматизирани и како се справуваат со социјалниот притисок жените кои не се реализирале како мајки.