Нова акредитирана студиска програма: Студии на културата
На наше големо задоволство Ви ја најавуваме новата акредитирана програма со добиено решение за почеток со работа на програмата од страна на АКВО на пост-дипломските студии на ИОХН-Скопје, студиската програма Студии на културата. Наскоро ќе биде објавен и повикот за упис на студенти за оваа студиска програма.
Краток опис на програмата:
Вообичаено овој тип специјализација, барем во развиените академски средини, се одвива на ниво на втор циклус на студии бидејќи самата интердисциплинарност бара способност за примена на преносни алатки на истражување и учење кои овозможуваат одржување на целината, која е во основа, проблемски обединета.[1] (Слично е со секое интердициплинарно подрачје, како со родови студии, студии на политиките, студии на комуникации и медуми, итн.). Агендата за високото образование на ЕУ за 2025, а и подологрочната EHEA и ERA (European Research Area: New ERA 2030), изискуваат од сите земји членки на Болоњскиот процес уште подлабока интердисциплинарност и комбинирање на SSH (social sciences and humanities) со STEM (sciences, technology, engineering and mathematics), а за тоа е индикативно што во моментов Европа (и со тоа и ние како дел од Европската високообразовна област) поточно EU го промoвира терминот STE(A)M (science, technology, engineering, the arts and mathematics; cf. https://tinyurl.com/3dh6ckcf). Па така, оваа програма нуди прилагодување на уметниците и авторите од областа на културата да одговорат на предизвиците на новата ера: развојот на креативните индустрии, учество во технонолшкиот и комуникациски развој што вештините на разните уметности може да го помогна, учество во индустриите на дигиталната ера кадешто е потребна уметничка споспобност (gaming индустријата), и она што е најважно – итниот развој на креативните индустрии, во кои С. Македонија заостанува назад, не само зад ЕУ туку и зад остатокот од регионот.
Креативните индустрии кои се во центарот на оваа програма, и можноста за специјализација и оспособување на авторите од областа на културата да ги применат своите теориски знаења и својата способност од високата култура и уметност на претприемачката ера на денешницата, исто така овозможува и адаптација на новите медиумски алатки на уметниците, кураторите, продуцентите, теоретичарите на уметноста и останатите активни во секторот култура. Имено, инсталациите и перформансите се тоа што доминира по светските галерии и театри, кои се потпираат на видеото, телевизијата и интернетот. Од друга страна, пак, класичните форми на уметноста, преку креативните индустрии, бараат способност да се искористи ерата на дигиталноста за да се направи културното наследство попристапно но и своевидна индустрија (дигиталните тури на музеите, потоа платформите како digital theater – ги прават овие класични форми на уметноста достапни и примамливи за новите генерации публика). Според тоа, присуството на студиите на комуникации, медиуми и воопшто интернет културата – како култура на кибер-просторот – е неопходна за промислување и научна и професионална надградба во полето на културата.
Со интердисциплинарниот и тематски баланс понуден во оваа програма, ИОХН-Скопје настојува да одговори на предизвиците и целите на програмата онака како што ја објаснивме тукушто: епистемологијата комбинирана со квалитативните и квантитативните методологии, сместена во контекст на современите општествени и хуманистички теории, овозможува трансверзални алатки, кои, како и во сите интердисциплинарни области, претставуваат ткиво на врзување на целината.
Список на задолжителни и изборни предмети на студиската програма: Студии на културата
Вовед во политиките на културата и креативните индустрии
Визуелна култура: Теории на 20 и 21 век
Епистемологија на општествените науки и применетите општествени науки
Филозофија на уметноста и глобалната сцена на 21 век
Истражувачки методи и академско пишување
Основи на културните политики
Интеркултурни односи и политики
Комуникации, медиуми и култура
Климатска криза и општествени промени
Теории на субјективитет во ера на вештачката интелигенција: хуманистичка перспектива
Вовед во феминизам
Стратегии за еднаквост и културата како дел од граѓанскиот сектор
Култура на антропоцената
Емоции и политика: Улогата на културата
Основи на дигитална демократија и култура
Теориска психоанализа и општествена критика
Основи на студии на развој и развојни политики
Родови политики и култура
[1] Addressing societal challenges using transdisciplinary research (OECD: 2020), available at https://www.oecd.org/science/addressing-societal-challenges-using-transdisciplinary-research-0ca0ca45-en.htm), пристапено на 26 март 2023.