Проценка на потреби за градење родово сензитивни политики за општествена, пост-Ковид резилиентност и закрепнување
Оваа сеопфатна студија е дел од проектот „Родова димензија на политики во фокус – јакнење на резилиентност во пост-ковид период“ што Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје ја спроведува заедно со Здружение за унапредување на родовата еднаквост Акција Здруженска од Скопје и Здружение Радика-ДЕ од Дебар. Проектот е поддржан од Швајцарска агенција за развој и соработка под програмата Цивика Мобилитас.
ИОХН-Скопје во изминатите 6 месеци работеше на деск анализа, која ќе биде прикажана во првиот дел од оваа студија. Направена е проценка на социо-економските потреби на жените и граѓанските организации кои работат на прашањата на родовата еднаквост во пост-ковид контекст, потпирајќи се на релевантни меѓународни извештаи, како и официјалните статистички податоци кои говорат за диспропорционалната економско-социјална погоденост на женското население и документи на јавни политики. Изработени се и препораки до државните и до меѓународните институции што во иднина директно ќе се застапуваат пред нивните претставници на консултативни средби.
Вториот дел од студијата е теренската проценка што ја спроведе ИОХН-Скопје во периодот мај-октомври 2021. Направено е квалитативно истражување односно длабински интервјуа со 10 претставнички на граѓански организации од сите региони во државата, што работат на полето на родова еднаквост. Во периодот мај-август 2021 е направено и квантитативно истражување односно телефонска анкета. Опфатени беа 602 испитанички од цела држава, репрезентативни според националност, возраст и образование.
Со оваа студија, Институтот продолжува да работи на својата цел кон пост пандемиско закрепнување на општеството преку засилено граѓанско застапување на родовата еднаквост фокусирано на скроени пристапи на централните и локалните власти за јакнење на отпорноста на жените како најпогодена категорија граѓани.