ПОЛАРИЗАЦИЈАТА КАКО СРЕДСТВО ЗА ПОПУЛИСТИЧКО ВЛАДЕЕЊЕ И КАКО ДА СЕ НАДМИНЕ (Второ издание)
Поларизацијата на едно општество е прашање на дискурзивната поларизација во истото. Сè се сведува на создавање наратив на историја на конфликт и конструирање на идентитет на противникот. Поларизацијата се случува во и по пат на јазикот, но нејзините последици се материјални и може да предизвика и конфликти, насилства или злосторства.[1] Според некои експерти од областа на комуникациските студии на поларизација и конфликти, обликувањето на непријателот е изведено преку процес на дискурзивна манипулација со емоциите. Тоа е метода која го исклучува рационалното согледување поради тоа што и тоа подразбира некаква форма на дијалог – согледување на аргументите на спротивната страна, нивната валидност и поткрепеност со факти. Затоа поларизацијата на дискурсот се стреми да функционира преку емоциите: бес, омраза, олицетворување на наративот и интересите на спротивставената страна во согласност со наративот на едноставните приказни, каде нивното олицетворение се непријателот наспроти хероите од другата страна. Монике Жозе Ратејзер-ван дер Велде го проучувала овој феномен како воспоставен метод во политиката на поларизирање и понудила структурна анализа на неговите инструменти и општествените улоги на учесниците.
Според неа постојат три основни закони за поларизација:
- „Поларизацијата е „идеја (концепт)“ која е втемелена во дихотомијата на два конструирани, спротивставени идентитети: „ние“ и „тие“[…]» (2018: 38)
- „Вториот закон е дека на поларизацијата ѝ треба гориво. Идејата (концептот) за тоа какви сè се „тие“ наспроти „нас“ треба постојано да се потврдува.»
(2018: 39) - „Третиот закон е дека поларизацијата е водена од емоции, а не од рационалност или логика во размислувањето. Таа претставува емоционална динамика.“ (2018: 40)
Како што е наведено погоре, рационалноста треба да биде исклучена бидејќи таа неизбежно води кон истражување на спротивниот наратив.
Според Ратејзер–ван дер Велде (2018) и Барт Брандсма (2016) во процесите на создавање на поларизирана комуникација, која се карактеризира со натпреварувачки, конфронтирачки и взаемно побивачки наративи, постојат 5 улоги или видови на активност.[2] Првата група се нарекува „поттурнувачи“ и е составена од оние кои ја креираат, одржуваат и ја унапредуваат поларизацијата. Тие не само што создаваат една речиси фиктивна слика за противникот, туку и поттикнуваат омраза кон оние кои сакаат да ја зачуваат неутралноста. Со други зборови кажано, неутралните се еднаква цел на „поттурнувачите“ како што се и нивните политички противници – сè до моментот кога ќе им се приклучат и станат нивни поддржувачи. Овие ја сочинуваат втората група наречена „приклучени“ која е составена од неутралците кои поради големиот притисок биле принудени да излезат од неутралната зона и да пристапат кон една од спротивставените страни. Овие „приклучени“ не заземале страна само спонтано, поради афинитет кон некоја од страните, туку и поради тоа што неутралноста или неодлучноста станала неодржлива и неподнослива. Неутралците се сведени на статус на „предавници“ – обвинети за тивко одобрување на демонизираниот непријател и еднакво таргетирани ако не и повеќе од самиот противник. Бидејќи нема дијалог ниту директна размена со непријателот, спречена е секоја можност за комуникација, дури и непријателска. Сликата за противникот е речиси митска, нереална и секоја хуманизација на истата би ја поткопала фикцијата за „чисто зло.“ Во таква ситуација, кога противникот е надреален, единствена човечка форма која што може да биде нападната и повикана да се приклучи е „неутралецот.“ Третата група е онаа на „молчеливи.“ Нивниот избор е да не бираат страни и бидејќи неутралноста е нападната, тие остануваат тивки и се стремат да останат „невидливи“ (не се појавуваат во медиуми и не ја огласуваат својата неутралност и немањето желба да одберат страна). „Молчеливите“ се мнозинство и тие ја избираат својата неутралност не толку како политички став, туку како противење кон насилство да се избере страна (дури и ако тоа е само вербално). Четвртата група ја сочинуваат „градителите на мостови“ кои се обидуваат да ги усогласат разликите инсистирајќи на сличностите, наместо на разликите меѓу двете групи, или пак на хуманизирање на разликите, наместо нивно демонизирање. Ратејзер-ван дер Велде (2018) тврди дека методите на оваа група- „градители на мостови“ се осудени на неуспех бидејќи ја имаат истата логика на идентитети и градат врз база на постоечките концепти на идентитетска слика за противникот и за себе.
„Иако мотивацијата на „градителот на мостови“ е да воспостави мир и хармонија, неговата активност само ја потврдува поларизацијата; почетната позиција на дијалогот се уште e разликата помеѓу двете страни, а идентитетот се уште е тема на дискусијата. Колку и да е нагласено дека идентитетот на другиот е исто така ок , тој се уште е „различен од нашиот“ правејќи го сомнителен по дефиниција.“ Ратејзер – ван дер Велде (2018: 42-43)
Петтата група според Брандсма и Ратејзер-ван дер Велде претставува жртвено јагне. Во одреден момент кога средината, молкот или неутралноста стануваат невозможни, притисокот за поларизација како севкупна водечка сила има потреба од жртвено јагне за да се оствари целосна поларизација. Вообичаено, „градителите на мостови“ се претвораат во жртвени јагниња. (Ратејзер-ван дер Велде, 2018: 43). Како последица на тоа „градителите на мостови“ не можат да ја одиграат улогата на „менувачи на играта“ бидејќи тоа бара промена на дискурсот, општествената визија која е над владејачкиот дуалистички дискурс.
—————-
[1] Monique José Ratheiser-van der Velde, “Crossing ideological borders: How to contribute to depolarization within society and on a global level?,” World of Media Journal of Russian Media and Journalism Studies Issue 1, 2018 (Moscow, 2015), 35-48 (DOI: 10.30547/worldofmedia.1.2018.3)
[2] Bart Brandsma, Polarisatie: inzicht in de dynamiek van wij-zij denken (Schoonrewoerd: BB in Media: 2016).
Поларизацијата како средство за популистичко владеење и како да се надмине (Второ издание)