Панел за Преспанскиот договор
Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје со задоволство Ве поканува на 14 септември 2018 година (петок) со почеток во 19 часот во ГЕМ клубот на „Панел за Преспанскиот договор. Дискусија за идентитетските аспекти на договорот.“
Панелот има за цел критички да ги разгледа бројните аспекти на Договорот за кои е потребна мултидисциплинарна стручност. Говорниците, секој и секоја поаѓајќи од сопствената професионална и научна подлога, ќе ги разгледаат културолошките, политичко-филозофски идентитетски прашања поврзани со Договорот како и нивните правни и политички димензии од аспект на интердисциплинарната област на меѓународните односи.
Учесници на панелот се:
– Проф. д-р Катерина Колозова (ИОХН-Скопје)
– Д-р Акис Гаврилидис (Collectif Manifestement – Брисел)
Воведничар / Модератор: Доц. д-р Гордан Георгиев (ИОХН-Скопје)
За учесниците на панелот:
Катерина Колозова е директорка на Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје и професор по родови студии на универзитетот Американ Колеџ – Скопје. Таа исто така е визитинг професор на неколку универзитети на територијата на бивша Југославија и Бугарија. Своите постдокторски истражувања ги спроведувала на Универзитетот Беркли-Калифорнија, под супервизија на Judith Butler. Таа е координаторка на бројни меѓународни истражувања од областа на родовите студии и политичката филозофија и една од основачките на Регионалната мрежа за родови студии на Југоисточна Европа. Автор е на книгите Cut of the Real: Subjectivity in Poststucturalist Philosophy (Columbia university press, 2014), Toward a Radical Metaphysics of Socialism: Marx and Laruelle (punctum books, 2015) како и ко-уредник на After the “Speculative Turn”: Realism, Philosophy, and Feminism (punctum books, 2016). Колозова е автор и на повеќе поглавја на книги од областа на политичката философија во издание на Edinburgh University Press, Bloomsbury University Press, Rowman and Littlefield, и др.
Акис Гаврилидис е писател и преведувач. Роден во Солун (Грција) во 1964, во моментот живее и работи во Брисел (Белгија). Студирал право во Белгија а во 1998 докторира на филозофија на право како и на политичка антропологија во рамки на пост докторските студии. Член е на “Collectif Manifestement” од Брисел како и контрибутор на публикацијата на колективот Manifeste du dégagisme (Maelström, Bruxelles 2012). Објавува и преведува текстови за повеќе печатени и интернет списаниjа. Публикации (на грчки јазик): Democracy against liberalism. The notion of natural law in Spinoza (Athens, 2000), The incurable necrophilia of radical patriotism. Ritsos-Elytis-Theodorakis-Svoronos (Athens, 2006), The continuation of the civil war with other means (Athens, 2007), In a world of authenticity we are all strangers (Thessaloniki, 2007), Billy Wilder: the (self-)criticism of the Hollywood spectacle (Athens, 2009), We settlers. The nomadism of names and the pseudo-state of Pontus (Yànnina, 2013). На англиски јазик: Grexodus: Notes for a Non-strategic Strategy, (LAP Lambert Academic Publishing, 2015), како текстови во голем број меѓународни зборници.
Гордан Георгиев е активен во граѓанскиот сектор веќе 20 години. Георгиев беше извршен директор на Форум-ЦСРД, една од водечките тинк-тенк институции во Македонија и директор на Македонската школа за политика, под покровителство на Советот на Европа и дел од регионалната мрежа од училиштата за политика составена од 15 земји од Балканот, Русија и Комонвелтот на независни држави. Тој има дипломирано и магистрирано политички науки и меѓународни односи на Институтот за политички науки во Париз, како и магистрирано Европски студии на Кингс Колеџот од Лондон. Во 2009 година тој ја реализираше Програмата за извршно образование на Харвард. Во 2016 се стекнал со степен доктор по политички науки, работејќи на општествени системски теории и структурите на моќ. Има објавувано трудови во многу регионални и меѓународни списанија. Георгиев е дел од авторите на „Проблемите на репрезентативната демократија во Европа“, приредена од Јан Мариус Вирсма (2014, Vangennep Amsterdam) и на „Преобликување на имиџот на политичките партии во ЈИЕ”, приредено од Георги Карасименов (2007). Од 2009 до 2013 година, Георгиев беше избран за пратеник во Собранието на Република Македонија (СДСМ), каде што претседавал со Комитетот за култура.
За панелот е обезбеден симулатан превод.
За најава на Вашето присуство, контактирајте нѐ на [email protected] или на телефонскиот број (0) 2 3 113 059