Документ за јавна политика за ефектите од постоечката регулатива врз уредничката/медиумската слобода
ВОВЕД (Целиот документ можете да го преземете на линкот: Документ за јавна политика за ефектите од постоечката регулатива врз уредничката/медиумската слобода)
~СОДРЖИНА~
1. Објаснувањена проблемот (6)
2. Компаративна анализа на постоечкиот закон со европските закони и практики (9)
2.1. Членот 91 од Законот ги определува програмските стандарди (10)
2.2. Член 92 од Законот ги определува обврските на радиодифузерите (11)
3. Анализа на податоците од спроведена проценка за ефектите на постоечката регулатива врз уредничката слобода (14)
3.1 Непочитувањето на детално пропишани програмски стандарди во законот се казнуваат со глоба (18)
4. Саморегулација (20)
Јавен радиодифузен сервис (22)
4.1. Модел на финансирање во земјите во ЕУ (24)
4.2. Административни и правни повелби на јавниот сервис (24)
4.3. Инклузивност на публиката (25)
5. Предлог политики (26)
1. ОБЈАСНУВАЊЕ НА ПРОБЛЕМОТ
Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје во последните години го истражува феноменот на „заробена држава“ и начинот на кој овој феномен се одразува на состојбата со слободата во медиумите.[1] Еден од главните механизми на заробување се одвива преку прекумерна законска регулација која ѝ овозможува на извршната власт контрола врз медиумите. Ваквата контрола се спроведува преку законската регулација на програмските аспекти и преку правото на санкционирање. Особеноста на македонскиот случај на „заробена држава“ се состои во речиси апсолутното потчинување на законодавната (и судска власт) од страна на извршната, како што впрочем, констатира и Сениорската експертска група предводена од Рајнхард Прибе во неговиот втор извештај за Македонија.
Поставувањето на законската регулатива на ограничување, дисциплинирање и санкционирање кои имаат за цел контрола повеќе од регулација може да се објасни преку правно толкување и преку форензичка дискурс анализа.
Правното толкување според кое при креирањето на законите се користи техника или технологија на т.н. ‚‚авторитарниот процедурализам“ кое подразбира прекумерна регулација на сферата, како обид за вметнување на контрола на извршната власт во сектор кој треба да биде независен во максимална можна мера.[2] Авторитарниот процедурализам користи и друг механизам за креирање на регулативата, а тоа е вградување на мрежа на самоконфликтни одредби од ист или серија на закони кои ја допираат областа. Ваквата тенденција резултира во ефикасна техника на контрола на правниот субјект, одрекувајќи му: транспарентност, предвидливост и извесност на неговата правна позиција во системот.
Централна позиција во ваквата технологија на управување е одрекување на правната претпоставка на правната држава и владеење на правото во либералните демократии – позицијата на ‚‚чесен граѓанин “. Спротивно на ова, нашите закони се пишувани од позиција на контрола на извршната власт, во функција на извршната власт наспроти граѓанинот/ граѓаните. Власта е во рацете на авторитарната администрација во процес на ‚‚доделување милост“ и дневно толкување кое ја креира мрежата на корупција и подреденост на граѓаните на системот.[3]
Форензичката дискурс анализа ваквата тенденција ја покажува преку јазикот кој се користи во содржината на законот.[4] Анализата покажува висока фреквенција на изрази кои се автореферентни, односно фокус на законот е самиот тој. Во таа смисла и прекумерната регулација на содржината се огледа во фокусирање на важноста на инструментот на регулација наспроти областа што се регулира, како што е во другите европски закони со кои се прави споредбена анализа. Во овие закони поголем фокус има на програмата, услугите и радиодифузијата. Потоа, јазичната анализа покажува дека фокусот на постоечкиот закон е на регулаторното тело, наспроти практиките кои се регулираат и учесниците во нив како што е тоа во демократските европски закони. Односно, фокусот во македонскиот закон се однесува на „како мора да биде“ (законот) и „кој ја надгледува и контролира праксата“(Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги) наместо на практиките (програми, услуги, радиодифузија) и кој ги спроведува (медиумите) како што е во европските закони користени за споредбената анализа.
—-
[1] Калина Лечевска и Јордан Шишовски, Хиперрегулацијата како средство на контрола врз медиумската и академската слобода (Скопје: Институт за општествени и хуманистички науки – Скопје, 2015), достапно на: www.isshs.edu.mk/technology-of-state-capture-overregulation-in-macedonian-media-and-academia, пристапено на: 30.11.2017; Ана Блажева и др., Слобода на изразување, здружување и претприемништво во заробена држава: Македонија во 2015 (Скопје: Институт за општествени и хуманистички науки – Скопје, 2015), достапно на: www.isshs.edu.mk/слобода-на-изразување-здружување-и-пр-3/?lang=mk, пристапено на: 30.11.2017; „Визуелизација: Глобите во македонското законодавство во периодот 1995-2014“, достапно на: www.isshs.edu.mk/глобите-во-македонското-законодавст/?lang=mk, пристапено на: 30.11.2017; Веб страница: www.zarobenadrzava.net, пристапено на: 30.11.2017.
[2] Љубомир Фрчковски, „Рецензија на документ за јавни политики ‘Медиумските политики и уредувачката (не)слобода’“ (Скопје: Институт за општествени и хуманистички науки – Скопје, 2017).
[3] Ibid.
[4] “Policy Brief: Discursive Forensics of the Macedonian Law on Audio and Audiovisual Services,” (Skopje: Institute of Social Sciences and Humanities – Skopje, 2017), достапно на: www.isshs.edu.mk/discursive-forensics-of-the-macedonian-law-on-audio-and-audio-visual-services, пристапено на: 29.11.2017.
ЦЕЛИОТ ДОКУМЕНТ МОЖЕТЕ ДА ГО ПРЕЗЕМЕТЕ НА ЛИНКОТ: Документ за јавна политика за ефектите од постоечката регулатива врз уредничката/медиумската слобода